Доктор Метју Гривс недискутабилно заслужува пофалби за посветеноста кон својата работа и пациентите.
Хирургот од Тексас им прави интересни и колоритни „шлемови“ на малите деца за да им го направи периодот по операциите помалку стресен.
Малите пациенти по хируршките интервенции на главата мораат да носат стегнати завои за да се спречи создавањето на отоци и да помогнат во заздравувањето. Така, д-р Гривс дошол до идејата да ги развеселува дечињата со „шлемови“ инспирирани од суперхерои или други ликови од анимирани филмови.
„Најдобриот лек е да измамиш насмевка на нечие лице“ – вели грижливиот доктор.
Сега не само Гривс, туку целиот оддел се грижи секој пациент да добие свој уникатен „шлем“. „Земаш нешто што е застрашувачко или досадно и го претвораш во нешто што е детско. Додај малку светлина во сè што правиш. Понекогаш толку многу се затвораме во медицината и во тоа што треба да го направиме, а можеме со многу мала промена да направиме голема разлика“ – изјавил тој.