Почетна » Новости » Актуелно » „Таа точно знае колку си заљубен во неа“: Сашко Коцев со шеги и емотивни моменти за животот како татко на малата Јоана

„Таа точно знае колку си заљубен во неа“: Сашко Коцев со шеги и емотивни моменти за животот како татко на малата Јоана

Многу шеги, евоцирани спомени и споделени лекции и примери од реалноста ја одбележаа финалната панел-дискусија „Тато е херој“ на првата регионална конференција за родителството на Becutan.

Сашко Коцев, Тарик Филиповиќ и Петар Бенчина се отворија за најважната улога во животот под модераторската палка на Жарко Димитриоски. Популарните татковци релаксирано разговараа за позитивните моменти, предизвиците, рушењето на балканските родови стереотипи и упатија силни пораки до сегашните и идни родители.

Becutan конференција Becutan конференција

Во негов стил, Коцев се шегуваше за незаборавните моменти кога со сопругата Смиљана ја добија ќерката Јоана, која сега има 7 години.

Кога ќе добиеш дете, твојот живот завршува. Се менувал животот? Не бе, после тоа ти си спиеш во детска и тоа е тоа.

На почетокот не знаеш што имаш дома, зашто тоа цело време ќути и повремено се појавува. И после тоа почнува да гледа, да мрда, да испушта звуци и гласови и тогаш сфаќаш дома што си донел и каде ќе се движи твојот живот и што всушност цел живот си пропуштал.

Памтам моето бебе кога го видов првпат, ме викнаа докторките. Ми велат: „Еве во инкубатор малку го ставивме да го стоплиме“. Инаку сè беше во ред. Одам таму и јас погрдо нешто од новороденче немам видено. Јас всушност немам видено друго новороденче. Сестрата ми вика те пуштам само да го сликнеш, а јас се исклучив и вака стојам... Ние сме навикнати од филмови, раѓаат дете и на камерата покажуваат седуммесечно бебе, најубавото одбрано и ти си викаш ова е новороденче. Ја имам таа фотографија. Тогаш утврдив дека личи на мене, сега порасна веќе, на мајката личи – убава е.

Becutan конференција Becutan конференција Becutan конференција

Харизматичниот актер и комичар сподели дека отсекогаш бил вклучен во грижата за ќерката, дури и кога имал многу професионални ангажмани, а ги советуваше паровите да уживаат во секоја помината минута додека го држат бебето во рацете.

Ова им го имам кажано на сите за оној момент од кој сите се плашат „леле моево дете во раце се научи“, на 20 пара сум им кажал „Да не го испушташ една секунда од раце“. Зошто? Зошто вака прелетува, како еден миг од животот и веќе има седум години и ќе ѝ речеш дојди да те бацам и ќе ти рече „сега, излези од собата“.

Не ги сфаќам татковците кои се изморени. Посебен адреналин е кога стануваш татко. До раѓањето на моето дете, во животот јас туѓо бебе или дете, немав фатено во раце. Доаѓа сестра и вика кој ќе го бања и одма викам јас ќе го бањам. „Си бањал ли?“, одговарам „Не“. Бањам како јас да сум патронажна сестра. И оттогаш јас држам лекции за бањање. Кога се роди моето дете, јас во исто време спремав претстава и снимав филм во којшто играв главна улога. Се прашував од каде доаѓа таа снага. Значи од 7 до 7 бев на снимање, одев на претстава и доаѓав дома со став ајде да бањаме, ова-она. Не сум бил изморен.

Не сакам да мислите дека се фалам. Сакам да кажам дека ова мора да биде така и е обврска на секој родител и татко.

Becutan конференција

Кога станува збор за многуте обврски, Сашко е категоричен дека мора да има разбирање и дека во неговото семејство распределбата на секојдневните задачи околу детето се случува спонтано.

Ние никогаш не сме се договарале дома со распоред, со excel табела ти во толку саат, ти во толку саат. Сè доаѓа спонтано, бидејќи има разбирање. На пример, спонтано знам дека таа била дежурна, па јас ќе преземам тие два дена додека да се стабилизира. Спонтано знае дека таму и таму сум имал ноќно снимање, па знае дека ќе ја преземе работата. Или детето кога ќе се префрли на адаптирано млеко, ако се разбуди преку ноќ, сега ќе станам јас, па таа ќе стане другата ноќ. Ние не сме по табела, тука потпис, ти вчера стана... така настануваат кавги, дури со договарање има повеќе кавги одошто со една спонтаност.

Becutan конференција

Зборувајќи за приоритетите, тој наброја што му е на врвот на листата:

Семејството, детето, здрава средина, повеќе време посветување, повеќе време поминато со детето, а другото она што се мора и што е многу позначајно за мене како актер или за мојата кариера. Се прави една поголема селекција сега.

На прашањето што лежи во специјалната врска „татко-ќерка“, тој побрза да одговори:

Таа точно знае колку си ти заљубен во неа и она може да ти прави што сака... Ќерката го вежба својот утрешен љубовен живот и релација со машките на тебе. Да те манипулира... таа тука се тренира. Те разоружува.

Што се однесува до вредностите кои сака да ги втемели во ќерката Јоана, Сашко рече:

На детето јас притискам да му остане емпатија, сочувствување спрема другите, да се ставиш на друго место. И оние семејни вредности – јас, мама, тато, баба, дедо, дома една топлина, една човечка семејна топлина... И дома многу муабет, многу разговарање, за тоа како го помина денот. Што ѝ се случуваше, за да знам како расте, со што се соочува во денот, како плива и како таа реагира на работите. Многу, многу разговор.

Becutan конференција Becutan конференција Becutan конференција Becutan конференција Becutan конференција Becutan конференција Becutan конференција Becutan конференција Becutan конференција Becutan конференција

Фото: Ерина Богоева / Femina.mk

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19665 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.