Почетна » Новости » Актуелно » „Се посвети на моето семејство кога ми дијагностицираа тумори“: Огнен Јанески со емотивен статус за загинатите доктори

„Се посвети на моето семејство кога ми дијагностицираа тумори“: Огнен Јанески со емотивен статус за загинатите доктори

Како и многу познати личности и медицински лица, ниту Огнен Јанески не остана рамнодушен на вчерашната несреќа која ги одзеде животите на докторите Александар Ристески и Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска.

д-р Александар Ристески, д-р Никола Василески, технолог Фанче Јованоска

Македонскиот водител, кој потекнува од Прилеп, со емотивен статус им оддаде почит на загинатите, а сподели дека со д-р Ристески лично се познавале. Тој бил покрај неговото семејство „низ многу мачни периоди“, но најважен бил моментот кога на Огнен му биле дијагностицирани тумори на 11-годишна возраст.

Еве дел од неговиот статус објавен на Facebook:

КРИКОТ НА ПОМАЛИТЕ ГРАДОВИ И НА/ЗА МЕДИЦИНАТА

Болката на една заедница се мери (ако воопшто може) и преку криковите коишто ги испушта во трагичните моменти.

Криковите коишто денеска се слушаат од Прилеп до Битола, преку Крушево и Демир Хисар, се крикови кои ја отсликуваат заедницата на помалите градови, но, уште повеќе како крикови за одложена тага и болка за иднината на медицината во малите земји, како нашата.

Како прилепчанец, исклучително сум погоден од денешната трагедија, иако скоро 20 години не живеам во мојот роден град. Но, и покрај тоа што ќе ви речат - „далеку од очите - далеку од срцето“, сепак колективната болка обзема километарски и втренчено гледа во срцето на сите. На тие чие срце ги познавало сега веќе заминатите од овој свет, а такви сме скоро сите оттаму.

Со чичко Ацо Рендгенологот лично се познававме. За него нема човек што ќе ви каже нешто друго освен најпофални, најпрекрасни и искрени зборови и ќе ви искаже возвишени чувства за срдечноста, топлината, гостопримството и професионалноста. Тој и неговото семејство, беа пријатели на моето семејство. Низ многу мачни периоди, тој се нашол, макар и само со утешни зборови за да им фрли светлина. Дури и кога често ќе сфатеше дека сум нерасположен за време на емисија, ќе ми пишеше после тоа. Но, веројатно најживописно го паметам периодот кога целосно и професионално се посвети на моето семејство во можеби мојата најмрачна здравствена година, и кога конзилијарно ми ги дијагностицираа туморите во прилепската болница, кога имав 11 години. Многу одамна, но, како денес гледам како ги тешеше мајка ми и татко ми дека сѐ ќе биде во ред и ни го „исцрта“ патот кој треба да го изодиме фамилијарно, а постојано беше присутен додека го изодувавме. Како на мојот, така и на сите пациенти чиишто анамнези минале низ неговите раце...

За Фанче Јованоска, познавам луѓе кои се скршени од болка поради нејзиното заминување. Луѓе кои ми се блиски и исклучително ги ценам, а кои споделувале приказни со и за неа. И следствено нивната болка за неа, како да е и моја. Ништо поразлично не е и со гинекологот Никола, за кој сите редум ќе ви кажат дека беше врвен професионалец. Специјалист од областа на медицината, за која општо познат факт во јавноста е дека Прилеп не само што кубури со кадри, туку и страда.

Оваа несреќа е лична на семејствата на загинатите, на пријателите, на колегите, но, оваа несреќа е многу пострашна за нашето општество, за нашиот регионот, за градовите од Пелагонискиот Регион и пограничниот грчки дел (во овој случај)...

Почивајте во мир, драги Ацо, Фанче и Никола и најдлабоко сочувство кон вашите семејства и пријатели. Вашите колеги, и тие кои учеле од вас, најдоброто нешто што можат да го направат за вашиот спомен е да применуваат сѐ што сте им дале како знаење. Како за одржување на прекрасните сеќавања за и со вас - така и за лечење и одржување на заедницата.

Вечен нека ви е споменот.

Огнен Јанески

Прим. д-р Александар Ристески, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска ги загубија животите во сообраќајна несреќа на патот Битола-Прилеп по сударот со камион кој пренесувал лесно запаливи материи.

Денес е Ден на жалост во Прилеп.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19729 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.