Првиот фестивалски ден на 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ започна со прес конференции на Бруно Делбонел годинашниот лауреат на Златна камера 300 за животен опус, Дариа Д’Антонио, кинематограферката на „Партенопе“ во режија на Паоло Сорентино - филм со кој синоќа се отвори Фестивалот, Димитар Грбевски, филмски и телевизиски монтажер кој годинава ја доби наградата на ДФРМ, „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ и претставување на членовите на жиријата.
Делбонел денеска на средбата со новинарите проговори за значењето на наградата, дружењето со колегите кинематографери и значењето на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.
„За мене сето ова е неверојатно, не сум замислувал никогаш вакво нешто пред се затоа што јас сум кинематографер и мислам дека не сум готов со она што го работам. Сите овие лауреати пред мене се неверојатни имиња и им се восхитувам“ – рече Делбонел.
Со присутните тој сподели искуство кое го имал со кинематограферот Ласло Ковач во Палм Спринг и Лос Анѓелес во САД и рече дека е неверојатно искуство кога кинематограферите се запознаваат и се дружат и разговараат.
„Не го запознав Свен Никвист, но Стораро и останатите лауреати на овој фестивал имаат одлични дела и едноставно ми е неверојатно“ - истакна Делбонел.
Дариа Д’ Антонио, кинематограферката на Паоло Сорентино проговори за „Партенопе“. Таа втор пат е на „Браќа Манаки“, првиот пат беше со филмот „Раката на Господ“.
„Филмот говори за минатото и едно посебно навраќање на младоста. Со актерката имавме посебен однос. Таа беше прв пат на филм и имав некако заштитнички однос кон неа. Беше многу важно да имаме добра комуникација бидејќи беше некако ранлива. На сите локации им приоѓав со голема слобода и секоја од нив има симболика така што се обидував да го склопам сето тоа заедно. Тоа е мој град и не беше воопшто лесно да покажам поинаква перспектива“ – рече Д’ Антонио.
Лауреатот на наградата на ДФРМ, „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, Димитар Грбевски на денешната средба со новинарите говореше за искуствата од работата со македонските режисери од сите генерации.
„Оваа награда многу ми значи, со ова се заокружува целиот труд што сум го вложил во животот. Уште сум активен, работам со студентите кои се веќе дипломирани и се консултираат. Многу генерации завршија филмска монтажа и работат не само во Македонија туку и во странство, меѓу нив и продуцентот на „Медена земја“ кој беше претставник за Оскар“ – рече Грбевски и раскажа за искуството од Холивуд, кога бил заедно со екипата која работела на филмот „ДАЕ“ на Столе Попов, кој беше кандидат за Оскар.
Жирито на официјалната селекција на Златна камера 300 го сочинуваат Џон Сил, претседател, Ањес Годар, Џевахир Шакин, Биргит Гудјонсдотир и Владимир Блажевски; во жири за Европска ло-кап програма и документарна програма членови се: Куршат Уресин, Јани Петери Паси и Нурија Ролдос и членови во жири за кратка и студентска програма се: Ненси Шрајбер, Уна Менгес и Ѓорѓи Клинчаров.
Тие денеска пред новинарите рекоа дека е голема чест, но и голем предизвик да се одлучува за филмовите на ИФФК „Браќа Манаки“.
„Се соочуваме со одлични дела, фасцинантни филмови и голема чест е да се биде член на жири. Но, најдобро нешто во сево ова е што имаме можност да се дружиме со кинематографери и да разговараме. Ние најголемиот дел од времето работиме, а благодарение на овој Фестивал, Битола е место каде дискутираме за нашата работа и привилегија е да се биде овде“ - беше речено на прес конференцијата.