Меккен Скопје е „Адриатик Агенција на годината“ и добитник на сребрена и бронзена награда за кампањата „Стартап пакет“ на Халкбанк.
Агенцијата Меккен Скопје е прогласена за „Адриатик Агенција на годината“ на овогодишниот фестивал Голден Драм, кој се одржа минатата недела во Порторож. Ова престижно признание, заедно со сребрената награда во категоријата креативна ефикасност и бронзената во категоријата надворешно рекламирање за кампањата „Стартап пакет“ на Халкбанк се резултат на посветеноста на Меккен Скопје кон иновации и извонредност во рекламната индустрија.
„Овие признанија се огромни за нас и за нашиот клиент Халкбанк, тие се доказ за трудот и страста на нашите тимови. Наградите ја потврдуваат нашата посветеност кон квалитет и способност да создаваме влијателни, уникатни и паметни комуникациски решенија што се поврзуваат со нашата целна публика и му помагаат на клиентот во остварувањето на своите бизнис-цели. Наградите се фактор плус во остварувањето на нашата визија да бидеме најпосакуваниот комуникациски и креативен партнер“, изјави Бојан Кочовски, директор на Меккен Скопје.
Овогодишното издание на фестивалот уште еднаш на едно место ги собра најдобрите идеи, најдобрите тимови и најдобрите креативци од целиот свет. Проектите на Меккен Скопје и Халбанк се единствените од Македонија што се пласираа како финалисти. Во конкуренција на повеќе од 1.000 пријави од околу 200 агенции од целиот свет, интернационалното жири составено од 56 исклучителни професионалци им ги додели сребрената и бронзената награда, а Агенцијата ја доби најпрестижната награда на фестивалот, „Адриатик Агенција на годината“.
Меккен Скопје е една од најголемите и најуспешни маркетинг-агенции, присутна во Македонија 27 години. Во своето портфолио ги вклучува едни од најреномираните интернационални и домашни компании и брендови. Дел е од интернационалната Меккен мрежа, McCann Worldgroup, која исто така на Голден Драм доби престижна награда ‘’Најдобра агенциска мрежа’’.
Фестивалот Голден Драм во Порторож е најреномираниот годишен настан во нашиот регион, во Европа и пошироко, кој ги слави креативноста и иновациите во рекламната и комуникациската индустрија. Традиционално, секоја година на едно место ги обединува најдобрите светски агенции и професионалци со цел да ги претстават своите исклучителни кампањи, да разменат идеи, да дискутираат за трендови и да се дружат.
Погледнетe ја наградената кампања ‘’Стартап пакет’’: