Гинекомастијата претставува состојба на абнормално зголемување на дојките кај машките индивидуи. Се јавува како резултат на дисбалансот меѓу машките и женските хормони. При изразена гинекомастија, дијаметарот на дојките е поголем од 4cm и чувствителноста е зголемена. Зголемувањето на жлезденото ткиво треба да се разликува од натрупување на масно ткиво. Гинекомастијата е нормално да се појави кај новороденчињата, во пубертетот и кај постарите лица.
Патолошката гинекомастија може да настане заради недостаток или намалено количество на андрогените хормони (машките полови хормони), независно која е причината за намалувањето, што укажува на нарушен сооднос меѓу естрогените и андрогените хормони. Кај речиси две третини од момчињата и половина од хоспитализираните возрасни мажи со симптоми на гинекомастија се јавува бенигна жлездена маса која може да се осети при допир. Доколку постои неодамнешна активација на болеста, нејзино брзо напредување и при зголемена чувствителност, особено кај лицата со помала телесна тежина, се препорачуваат подетални ендокринолошки иследувања.
Доколку навреме се дијагностицира и контролира причината која предизвикува гинекомастија, симптоматското зголемување на дојките кај пациентот обично се повлекува за неколку месеци. Сепак, доколку се работи за подолготрајна форма на болеста, се препорачува хируршка интервенција како најефикасна терапија.
Најкарактеристични фактори кои укажуваат на потребата од хируршка интервенција се сериозни психолошки или естетски проблеми, продолжено зголемување на дојките и зголемена чувствителност. Кај речиси половина од пациентите со болна гинекомастија не може да се изведе хируршка интервенција и се препорачува терапија со антиестрогени лекови како најефикасни во намалување на симптомите и големината на дојките.
Д-р Џулиана Михајловска
специјалист ендокринолог
„Жан Митрев Клиника“ – Скопје