По успешната светска обиколка, „Бизнисот на задоволството“ се прикажува пред љубопитните погледи на македонската јавност, а позитивните реакции се распространуваат во сè повеќе градови.
Синоќа се одржа битолската премиера на филмот, а режисерот Гоце Цветановски и актерите Слаѓана Вујошевиќ и Исмаил Касуми ги поздравија присутните и им се заблагодарија за долгиот и силен аплауз.
„Ви благодариме многу што бевте дел од оваа вечер. Се надевам дека уживавте во филмот. Мене секогаш Битола, како демирхисарец, ми била како втор дом. Пред сè ви благодарам за овој искрен аплауз“ – изјави Цветановски.
Говорејќи за своето прво долгометражно остварување, тој сподели дека првичното сценарио го напишал како дипломска работа како студент во Париз, но кога се вратил во Македонија, сфатил дека станува збор за сценарио со голем потенцијал да се претвори во добар филм.
„Оттогаш досега, многу голем дел од сценариото се промени, бидејќи тоа сценарио беше напишано како да се случува во Франција. Беа опфатени некои други културолошки аспекти на општеството. Направив промена во смисла што ако оваа приказна се случува во Македонија, а не во Франција. И мислам дека тоа се гледа малку во самиот филм. Има некои моменти кои се поврзани конкретно со нашето општество, но беше направено на начин да може било каде да се случи.“
„Филмот беше намерно сниман да не биде премногу препознатлив, да нема премногу познати елементи од скопска архитектура, затоа што оваа приказна може да се случува било каде. Секогаш е предизвик да се направи кој било филм, многу сум среќен што имав прекрасна екипа со мене, затоа што филмот е колективно творештво“ – потенцира тој.
Откако ги одушевија гладачите, шармантните актери Вујошевиќ и Касуми се поклонија на сцената. Нив ги придружуваше Димитар Андоновски, кој заедно со Зоран Алексиќ и Милан Симовски ја компонираше музиката за филмот.
„Морам да кажам дека сум многу среќен за овој проект, бидејќи навистина направивме нешто со коешто сите се гордееме, направивме еден прекрасен филм, којшто е малку поразличен од она што ние во Македонија сме научени да гледаме, од оние теми коишто досега се правеле. Беше голем предизвик, затоа што за мене лично беше прво филмско остварување. Имаме капацитет да работиме во иднина со Гоце уште многу проекти. Фала ви многу што сте тука, се надевам дека овој филм ќе продолжи да се гледа и да освојува сали низ Македонија. Ви благодарам многу“ – рече Андоновски.
Премиерата се одржа во Центарот за култура, кој токму вчера прослави 44 години постоење. Директорката Маја Андоновска-Илијевски ја одбележа годишнината со краток говор:
„Денес, на еден симболичен начин го прославуваме 44-годишното постоење на Центарот за култура. На 10 октомври 1980-тата година ова збиралиште на уметниците од нашиот град и регионот почнува со својата работа. Она што се случува 44 години подоцна е веќе историја. Да се биде човек кој го води овој Центар за култура во последниве 6 години за мене беше навистина една голема одговорност, но и голем аманет да се продолжи една приказна којашто овој Центар за култура го направи водечки не само во овој регион, туку и во нашата земја. Најголем по капацитет, најголем по уметниците коишто доаѓале во оваа сала и секогаш заинтересираната битолска публика, за којашто навистина вреди да се работи. Вечерва овој јубилеј го прославуваме со поддршка на македонски уметник на македонска култура, со една убава филмска вечер“.
„Бизнисот на задоволството“ доживеа премиери на пет континенти, се закити со 32 селекции и освои 10 награди од кои пет за Најдобар филм.
Трилерот на Цветановски ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм. Медиумски партнери на проектот се Femina.mk, Fakulteti.mk, sdk.mk и Слободен печат.
Фото: Ивона Кочов / Femina.mk