Почетна » Колумни » Сензорни авантури » Практични совети за родители за стимулација на говорот кај малите деца

Практични совети за родители за стимулација на говорот кај малите деца

Неодамна имав чест за присуствувам на еден семинар за логопедија и за начините на кои ние, родителите, без употреба на некакви екстра материјали и посебни стручни познавања, можеме да им помогнеме на нашите деца во стимулацијата на говорот.

Денес ќе го споделам моето искуство од првиот дел на овој семинар.

Дете

Контакт со очи

Пред воопшто да започнеме со говорот со нашето дете, секогаш да се потрудиме да постои контакт со очи. Често е неопходно да се спуштиме и на негова висина за да се осигураме дека контактот постои.

Зошто е тоа важно?

Голем број на деца имаат потешкотии со артикулацијата и изговорот на определени букви. Од огромна важност е детето да го гледа движењето на нашите усни при говорот за и самото да започне активно со употреба на усните. Дали сте приметиле каков вид на движење на усните имаме кога ја изговараме буквата Ш? За дете со потешкотии во изговор на оваа буква на пример е од огромно значење во секојдневниот говор да нè гледа нас, родителите, a и останатите лица во околината кои движења ги имаме за да успееме истата да ја изговоримe.

Втора причина, за деца кои се соочуваат со друг вид на потешкотии, кои не се директно поврзани со артикулацијата на определени букви и акцентот не е ставен на движењето на усните, туку можеби имаат проблем со структурата и планирање на зборовите и недостаток на концентрација и фокус. Со воспоставување на контакт со очи успеваат подобро да се сконцентрираат, а со тоа и се доаѓа до подобри резултати при планирање на говорот.

Мирно и опуштено

Ова е секако од огромна важност. Деца кои буквално треба да ги бркаме низ просторијата за да успееме нешто да им кажеме имаат минимална способност да ја примат и обработат зададената информација, а со тоа и соодветно да одговорат. Пред воопшто да започнеме со некаков вид на вежби, неопходно е детето да биде опуштено и мирно.

Дишам правилно

Дали сте приметиле дека кога децата пробуваат нешто да кажат, започнуваат побрзо и побрзо да говорат, губат воздух и се влошува и говорот истовремено? Всушност и ние, возрасните, кога говориме по спорт или физичка активност, а сме задишани, потребно ни е да земеме малку воздух пред да продолжиме да говориме. Правилното дишење е од огромна важност за правилен изговор.

Доста често се користи и методата на диши длабоко. Кога детето едноставно има изгубено и фокус и внимание, па му требаат неколку секунди за истите повторно да бидат вратени. Истото го користиме и ние, во секојдневниот говор често велам „полека, диши длабоко“, и во тие неколку секунди ќерката успева да го врати фокусот и концентрацијата.

Внимателно слушам

Да, за детето воопшто да може да ја прими информацијата која се обидуваме да ја споделиме со него неопходно е внимателно да нè слуша. Постојат голем број на фактори кои влијаат на истото, и секако се меѓусебно поврзани со останатите од листата, но пред воопшто да започнеме со некакви вежби, неопходно е детето да биде во состојба кога внимателно нè слуша и ги прима сите информации добиени од страна на соговорникот.

Од друга страна, неопходно е и ние да го слушаме нашето дете внимателно. Свесни сме за ритамот кој ни го пружа секојдневието и големиот број на обврски со кои сите се соочуваме секојдневно, но од огромна важност за нашето дете е да знае дека ние со интерес и внимание го сослушуваме. Во спротивно, може да дојде до фрустрација или едноставно да престане со обидите да пробува нешто да ни каже и да се повлече во себе. Секогаш да најдеме време да го сослушаме нашето дете и неговите потреби.

Му дозволувам на соговорникот да се искаже

Децата се нетрпеливи, иако морам да признам дека оваа особина е честа и кај возрасните. Прекратување на реченици на соговорникот, уфрлување во разговор помеѓу две лица и сл. се моменти на кои треба да се работи со детето. Да се сочека да се искаже соговорникот е многу повеќе од добивање на целосен фидбек, информација која тој сака да ни ја пренесе. Се учи на меѓусебна почит, трпеливост, тимска работа.

Прво размислувам, потоа говорам

Токму така. Некогаш речениците на нашите малечки знаат да бидат толку хаотични што се едвај разбирливи. Затоа, полека. Прво да размисли што сака да каже, потоа и да го сподели со нас. Во спротивно, настануваат многу поголем број на грешки во говорот.

Говорам бавно и разбирливо

Кога детето сака да ни каже нешто и е возбудено, нетрпеливо и темпото на говор станува сè побрзо, а за нас е сè потешко да го разбереме. Затоа полека, јасно. По потреба во комбинација и со останатите потточки, со цел детето да успее да состави граматички исправна реченица, а со тоа и ние да го разбереме. Пробајте да говорите навистина бавно и разбирливо барем еден ден. Ќе приметите колку е напорно истото, но ќе биде одличен пример кој ќе го следат и вашите дечиња.

Моите реченици се кратки

Токму така. Кратки и јасни реченици кои ќе ги употребува детето, но и ние. Колку подолга реченица, толку е покомплексно за детето да ја сфати истата и воопшто да може правилно да ја изговори. Исто како децата, треба и ние да одбегнеме непотребно долги реченици, што секако не значи речениците да ни бидат граматички неточни или да се отфрлаат важни зборчиња.

Автор: Oursensoryfamily
Мајка на три мали девојки и водич на едно незаборавно детско патување низ светот на сензориката. Секојдневие исполнето со неуморно истражување на природата и негување на љубовта кон животните, практикување на најразлични екперименти и DIY проекти, многу игри и забава.
Во постојана потрага по балансот во животот.
Длабоко верува дека со работа, труд, упорност и трпение можни се и чуда.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.