Се чувствувам прилично мизерно кога налетувам на типични балканци, опсесивно љубоморни алфа-мажјаци кои не знаат сами да си го избришат задникот правилно, па шетаат со покакани гаќи.
А до нив се стиснала некоја кутра душа, незадоволна од секој можен аспект – емотивно, ментално, сексуално, ама се прилепила како некоја таксена марка која не се одлепува од батето. Затоа што тој е прв и последен маж на светот, господар и командант на оваа беспомошна кукла која трепка со главата која ја користи единствено за шишање на косата и правење фризури.
Жените најчесто паѓаат во замка кога станува збор за карактерот на мажот. Секоја од нас смета дека токму таа е вистинската која ќе умее да предизвика позитивна промена и ќе го смени од корен тоа машко суштество, добивајќи аплауз и длабок наклон.
Токму затоа, на почетокот на врската кога сè е ново, интересно, возбудливо и сјајно низ очилата со розово стакло, намерно ги игнорираме лошите машки особини. Неговата одбивност кон кревање валкани чорапи од подот, фактот што очекува сè да му биде послужено на тацна и лезетското кревање на нозете, додека вие ги собирате остатоците од ручекот кој грижливо сте го подготвиле, ни се чинат можеби слатки, дури и смешни. Но, само за кратко. По некое време престануваат да бидат интересни.
Се соочувате со вистината дека лежите в кревет до човек кој ги дели работите строго на „машки“ и „женски работи“. Тоа е тој тип на вообразенко кој е закитен со љубоморни особини преку кои ја искажува неговата доминантност кон избраничката. Оној кој никогаш нема да ви дозволи да се самореализирате онака како што посакувате, само затоа што живее по непишаното правило – „мажот го носи лебот на масата“.
Доминантниот мажјак ќе ве натера да ја ставите под лупа сопствената вредност и честопати да си ги преиспитувате своите ставови. Дали навистина можете да му пркосите со своите сфаќања? Ќе го кренете ли својот глас, ќе ја изразите ли отворено и без страв својата желба, наместо да глумите безгласна буква?
Како мала научив една поговорка која ужасно многу ми се виде смешна и интересна. Таа гласи – мачка да купуваш, па ќе прашаш од каде е.
А вие бирате некого со кого ќе го поминете остатокот од својот живот. Ова е вистинското време да се отворат сите сетила и да не се замижува пред вистината.
Кога веќе знаете со каков човек си имате работа, ви остануваат две опции.
Првата, кога веќе сте длабоко убедени дека тој е љубовта на вашиот живот и покрај неговите непоправливи лоши особини, едноставно замижете и проголтајте ја вистината како горчлив сируп. Научете се да го сркате животот во мали голтки со мала лажичка за да полесно го преживеете вашиот избор. Впрочем, не бевте слепи кога го биравте партнерот. И престанете да се жалите, секому, секогаш, секаде. Баравте – гледајте.
Втората, да се соочите со реалноста и да заиграте со отворени карти. Храбро и отворено да се изборите за своето право, да бидете жена – сакана, почитувана и вредна за восхит. Доколку сметате дека не го добивате заслуженото, заминете си без да го вртите погледот назад. Без страв, каење или горчина.
Во Новата година која е на прагот и нè обвива со магична еуфорија ви посакувам доволно храброст да направите вистински избори.
Впрочем, подобро е да бидеш сам поради вистинските, отколку со кого било, заради сосема погрешни причини.
Воопшто не е трагично да бидеш сам. Многу полошо и поболно е – да си осамен.
Со најискрени желби за паметни избори, ви посакувам среќна Нова година.
Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.