Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Чуму сите тие војни?
Во земјата на чудата

Чуму сите тие војни?

Додека шетам низ Сараево, здивот ми застанува. Од една страна од убавината на градот, убавите и пријатни луѓе, посебно жените, а од друга страна, од промените кои ги гледам од последниот пат кога бев тука, пред единаесет години.

На местото на двете кули изрешетени од куршуми, а едната дури и срушена до половина, сега има две убави, модерни стаклени згради. Санирани се сите штети од војната, нема оставено никаков белег којшто би можел да те потсети дека на ова место до пред 15-тина години тука се водела ужасна војна. Градот живее сосема нормално, полн народ и безбеден. Луѓето се дружат, како ништо да не се случило. Добро е што успеале да ги надминат гадостите што им се случуваа.

А им се случуваа гадости. Од една мирна и сосема безбедна држава на вести почнавме да слушаме приказни какви што претходно гледавме само на хорор филмови. На повеќето се сеќавам како да беше вчера, но не сакам да пишувам за нив затоа што се навистина вознемирувачки.

Војна

Толку мешани семејства се растурија. Брат против брат се бореше. Толку семејства се соочија со загуба, а уште колку имаше растурени низ целиот свет. Толку мајки и жени се завија во црнина. За што?

Иако Босна и Херцеговина помина најлошо од сите, како што и се очекуваше, затоа што беше најмешана, и другите земји поминаа низ пекол – која порано, која подоцна, која повеќе – која помалку. Добро е што сето тоа заврши, се надевам засекогаш, иако има еден дел од мене кој секогаш ќе стравува дека нешто може да се случи.

Кога бев мала, не сфаќав зошто луѓето секогаш велеа „Само мир да има“, друго ништо не е важно! За жал, кога нема мир, сфаќаш колку е важен. Во првите години поминати на училиште, се сеќавам дека учевме за Втората светска војна. Учителката ни кажуваше дека војната е најстрашното нешто што може да ѝ се случи на една земја и дека од сите војни најстрашна е граѓанската, кога луѓето во една држава се борат едни против други. Тогаш, во трето или четврто одделение граѓанската војна ми беше незамислива појава. Не можев да разберам зошто луѓето толку би биле закрвени едни против други, да се убиваат наместо проблемите да ги решат со разговор. Една година подоцна, имав можност да видам граѓанска војна во близина.

И по сите глупости кои ни се случија на Балканот, сфаќаме дека за многу работи зависиме едни од други и мора да соработуваме, или пак ако не мора, сепак подобро би било за сите да соработуваме.

Не, не сум југоносталгичарка. Само не можам да не се запрашам дали навистина мораше да падне толку крв? Мораше ли да загинат толку луѓе, за сега повторно да се враќаме на нешто што сме можеле да го имаме на многу поедноставен начин? И може ли еден или двајца лидери да имаат толку голема моќ да натераат толку луѓе, па дури и родени браќа да војуваат едни против други? И зошто го прават тоа - дали навистина веруваат дека постапуваат правилно или за моќ, слава и пари?

Колку човечки животи вредат славата, моќта и парите?

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20783 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.