Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Првите знаци на стареење
Во земјата на чудата

Првите знаци на стареење

Излегувам од концерт во МКЦ на којшто стоев нешто помалку од два часа, толку преморена што не можам ни да стигнам до автомобилот за да се довлечкам до дома. Повторно со констатација која веќе по не знам кој пат деновиве ја повторувам: не сум веќе млада.

Знаеш дека не си млад кога не можеш да издржиш да стоиш на цел концерт. Ако на 20 години можев буквално цел концерт да скокам, а кон крајот на 20-тите да играм, како се приближував кон 30-тите сè потешко ми беше да издржам да стојам цел концерт. Ако порано ги презирав билетите на трибини, каде што се седи, сега барам само такви карти и уживам во седењето на паузи и пред почетокот на концертот.

Жена што размислува

Пред 10-тина години домашните забави беа исклучиво на стоење и почнуваа околу 22.30 часот, а траеја барем до 3 часот наутро, се разбира ако соседите не повикаат полиција поради премногу гласната музика. Потоа почнавме да се собираме сè порано и порано, за да стигнеме до она што ни е вообичаено овие неколку години – денски собиранки кај некој од пријателите на ручек, кои почнуваат од 13.00, а завршуваат во 20.00 часот. После секој со своите обврски, а наскоро и сите во кревет. И кога има вечерни забави, едвај се издржува до полноќ, а пред само неколку години полноќ беше зенитот на журките.

Знаеш дека веќе не си млад кога пиеш кафе навечер, па потоа не можеш да заспиеш, а тоа никогаш не ти се случувало претходно. Јас поминав неколку бессони ноќи пред да сфатам дека и тоа е еден од знаците на стареење. Се сетив дека мајка ми порано никогаш не ми правеше друштво за кафе навечер, а јас се чудев како е можно кафето да ѝ влијае на спиењето. Ете, сега знам дека е можно.

Знаеш дека веќе не си млад кога поминуваш покрај игралиште на кое играат деца, топката им се тркала во твоја близина и ти велат „Тетке/чичко, дај ми ја топката“. А не беше одамна кога ти така им велеше на случајните минувачи, а тие негодуваа, најчесто со зборовите „Не сум тетка, дадичка сум“ или „Чички да те јадат“.

Знаеш дека веќе не си млад кога сакаш да изиграш една партија баскет, и само што ќе излезеш на терен виткаш нога, истегнуваш лигаменти или кинеш тетива, а докторката во градска ти вели дека луѓе на твои години веќе треба да бидат повнимателни со физичка активност. А ти се жестиш да одговориш „Како, па јас пред некоја година секој ден играв баскет надвор“, а сфаќаш дека од тоа време поминати се 15 години.

Но има убави знаци на стареење, како оној којшто јас прв го забележав, иако тогаш не бев ни најмалку свесна за што станува збор, а тоа е зрелоста, мудроста и смиреноста што ја добиваш на почетокот на средовечноста, како и полесното прифаќање на нештата кои ти се дел од секојдневието. Конечно сфаќаш дека оној вишок од три килограми може многу лесно да се камуфлира со добро избрана облека. Дека можеби не ја работиш работата од соништата, но поголемиот дел од луѓето на планетава се во многу полоша ситуација од тебе. Дека иако партнерот ги фрла чорапите во спална, вашиот однос е прекрасен и со него животот е многу поубав. И дека не дошол крајот на светот ако детето се разболело – едноставно, така се расте.

Тоа ти дава мир и спокојство и ти помага да воспоставиш душевна хармонија којашто претходно била само недопирлива желба. Чувството е прекрасно!

Толку многу знаци, а јас мислев дека стареењето ќе почне со неколку бели влакна кои ќе стануваат се побројни, и со мали брчки коишто ќе стануваат сè позабележливи. Мислев дека сè друго ќе биде како порано, а ништо не е.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20784 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.