Тазе вратена од Швајцарија, морам да признам дека ја разбрав „Мој је живот Швицарска“ од Дино Мерлин како никогаш досега. Само мислам дека нашите таму не ги ценат нештата кои мене ме воодушевија, и дури сега не разбирам зошто толку многу луѓе се селат таму, настрана од очигледната причина – парите, кои секако ги има и во многу други држави.
Она што мене лично ме изненади во Швајцарија е скромноста на луѓето, барем оние кои ги запознав. Без никаква желба да се расфрлаат и покажат колку имаат, премеруваат двапати дали нешто треба да купат или не. Но, она што особено ми се допадна е што не прават компромис со квалитетот – кога нешто треба да купат, го купуваат најквалитетното. Автомобилите кои се возат се убави, но не бесни, како оние кои ги гледаме во лето. Бидејќи за мене она што го гледав тука претходно ја претставуваше Швајцарија, не е ни чудно зошто сум толку изненадена.
За мене најголемото воодушевување во Швајцарија беше грижата за заедничките работи. Видов еден куп стари, но добро сочувани клупи во парк или детски игралишта. Се гледа дека се стари, но добро одржувани, а на нив нема изрезбано ниту едно име. Јавните тоалети се секогаш чисти, не затоа што некој постојано ги чисти, туку затоа што сите се грижат да бидат чисти. И кога треба нешто да се направи, луѓето се собираат и го прават, не чекаат државата да им го направи.
Во Швајцарија се излегува порано и не се останува многу доцна, затоа што луѓето работат. Се разбира дека има и места кои работат подоцна, но такви се малку, и претежно се полнат за викенд. Овој дел не може ни да се спореди со Македонија, исто како што не можат да се споредат стапките на невработеност – нивната 3.1%, нашата 31%. Луѓето се навикнати да работат уште од средно училиште, кога во средните стручни 4 дена во неделата работиш во фирма, а еден ден одиш во училиште и учиш теорија. Образовниот систем им е совршен, но тешко дека може да се преслика кај нас. Но, она што можеби би можеле да го научиме е како да комуницираме меѓу себе, без оптоварување кој на кој јазик зборува и дали нечии права се повредени. Швајцарија е одличен пример за дефиницијата „Јазикот е средство за комуникација“.
Практичноста на Швајцарците е лесно препознатлива насекаде, но она што прво паѓа во очи е облеката. Не изгледаат лошо, но се гледа дека удобноста им е прв приоритет, а не изгледот. Има и добро средени луѓе, но генерално модата не им е најсилна страна. Кога ќе видиш швајцарски излог, сè ќе ти стане јасно. Со такви комбинации кај нас не смееш од врата да излезеш.
Швајцарците најголемата слабост ја претвориле во нивна најголема предност. Имаат високи планини и многу остра клима, но толку е средено, што едноставно сакаш да си таму. Жичарниците до некои од познатите туристички места се стари 100 години. Минатата и оваа година има неколку такви јубилеи.
Пејзажите кои ги видов ми останаа врежани во срце, природата во доцна пролет и лето им е навистина прекрасна, иако во овој дел не би правела споредба помеѓу Швајцарија и Македонија. И ние имаме прекрасна природа, само треба да се потрудиме малку повеќе околу одржувањето.
Мислам дека Македонија никогаш не би можела да стане како Швајцарија. И да средиме сѐ друго, менталитетот на луѓето тука не може да се смени. Едноставно, различните услови во кои сме живееле во минатото нѐ направиле различни. И покрај тоа, можеме барем да се потрудиме да преземеме некои од добрите навики на Швајцарците.
Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.