Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » „Леле, леле, што направивме?!?“
Во земјата на чудата

„Леле, леле, што направивме?!?“

... праша Илиевски пред две години, на еден од најзначајните натпревари во македонската кошарка, кога во четврт-финалето ја совладавме Литванија на домашен терен. Тогаш, кога никој не очекуваше таков резултат од нив, особено не против домаќинот на европското првенство и еден од фаворитите за шампионска титула. Поразени од во кошаркарските кругови непознатата Македонија.

Кога изгубивме од Литванија, неколку пати слушнав дека ни вратиле за она што им го направивме пред две години. Да се разбереме, никогаш нема да можат да ни вратат, затоа што тогаш бевме на нивен терен и тие беа фаворити. Можат да ни вратат само ако се најдеме во обратна ситуација, кога европското првенство ќе се организира кај нас и ние ќе бидеме фаворити. За жал, сценариово не ми изгледа многу веројатно.

Македонските кошаркари

Неисполнетите очекувања носат разочарување. Сепак, убаво е да очекуваш победа, иако ти избегала од раце, некако убави чувства се будат кога очекуваме нешто убаво. Тоа што овој пат не успеавме да направиме многу не значи дека треба да фрламе со дрва и камења по нашите или да се откажеме од следење натпревари во иднина. 

Добра нус појава од кошарката или други спортови во други наврати е тоа што сите почнаа да баратаат со математика, веројатност и статистика. Кој не знае дека нашите ќе одат понатаму ако ја тепаат Босна со 10 коша разлика, Црна Гора да ја победи Србија со 7 разлика, Летонија ја победи Литванија, и ако сонцето влезе во Меркур, а месечината во 6-тата куќа? 

Она што нашата репрезентација треба да го направи сега е да се праша „Леле, леле, што да направиме?“, или поинаку кажано, да размисли каде ѝ се грешките и да ги поправи во иднина. Народов е гладен за победи, а сигурна сум дека нашите кошаркари можат да нè радуваат со победи. 

Она што ние можеме да го направиме за нив е да продолжиме да ги бодриме нашите и во иднина, најдобро што можеме. Тоа ќе ги мотивира да играат најдобро што умеат. Македонската публика знае да навива. Тоа сме го покажале на бројни натпревари во различни спортови, и кога се работело за натпревари на репрезентација, или за натпревари на некои клубови.

За мене врв на македонското навивање е поврзан со клупското навивање. Тоа беше еден од првите успеси на клупската кошарка – натпреварот кога МЗТ Скопје го совлада Реал Мадрид, далечната 1996-та година. Салата во МЗТ никогаш не била пополна од тогаш. Луѓе висеа од сите страни, немаше место каде што можеше да се застане, кое не беше пополнето, само за да се види играта на еден тим како Реал Мадрид! На изненадување на сите, натпреварот го добивме во последната секунда! МЗТ против екипа од светски ранг, како Реал Мадрид! Веднаш по означувањето на крајот на натпреварот, паркетот се преполни со навивачи кои не знаеја што да направат од среќа. Дополнително на страсното навивање низ целиот натпревар, мора да се каже дека имаше и други фактори кои му ја отежнаа играта на Реал Мадрид. Имаше толку многу народ, а лоша климатизација, што потта од луѓето почна да испарува и потоа да кондензира. Поедноставно кажано, почна да врне дожд од пот. Верувале или не, во тоа време во салите се пушеше, па како бонус на гужвата и кондензираната пот, имаше и димна завеса. По натпреварот, тренерот на Реал Мадрид изјави дека никогаш дотогаш не играле во такви услови.

Би сакала да видам уште многу такви моменти во македонскиот спорт. Кога твојот тим ги поместува границите и постигнува победа. Кога еуфорично ги чекаш на плоштад и пееш навивачки песни, славејќи ја победата на Македонија.

Заслужуваме многу повеќе такви моменти.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20783 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.