Животот во брак не е лесен.
Голем дел од нас од мамини и татини галеничиња на кои сé им е дадено на тацна, одеднаш стануваат возрасни луѓе кои сами се грижат за себе, а набрзо и за деца. Ни се собираат многу повеќе обврски од порано – треба сами да се грижиме за домаќинството, одговорно да ја вршиме работата, да се грижиме за децата што секако воопшто не е лесно... и толку многу одеднаш стекнати обврски знаат да предизвикаат фрустрации.
Верувам дека мажот кој додека живеел со мама сè добивал на тацна, буквално до чаша вода и јадење на маса, животот со неговата љубена, која од него очекува да се посвети на домаќинството исто толку колку што е посветена и таа, го доживува како некаков казнено-поправен дом во кој сé треба да правиш сам, па и на секое излегување да даваш отчет! Одеднаш за разгаленото мамино синче бракот станува затвор, а неговата љубена надзорник во затворот!
Тука на сила стапуваат другарите – сите со слични маки, поддржувајќи се меѓусебно во отпорот кон „законот“, т.е. нивните сакани, кој главно се манифестира преку излегување и пијанки, кои завршуваат со пуштање на млади девојчиња... всушност некои и не завршуваат со пуштањето. За жал, познавам многу мажи со прекрасни семејни фотографии на фејсбук, кои во град сум ги сретнала во издание и во друштво во кое не би сакала да ги сретнам.
Претходно споменатата љубена е друга приказна. Многу често, откако ќе се омажат прво за сé и сешто ја консултираат мама и нејзиното мислење често е поважно од она на саканиот. Тука се и разговорите со другарките со заеднички лелекања за тоа колку им е тешко, како сé се очекува од нив, мажот не мрднува со мал прст околу домашните обврски, а и не може кога нон-стоп е излезен со другари, игра фудбал, кошарка, тенис и не знам што уште не. Згора на сé, па и свекрвата е змија невидена!
Најстрашниот дел доаѓа со доаѓањето на свет на детето. Тогаш многу жени целото свое време и внимание го посветуваат на детето, а мажот е комплетно запоставен. Ова особено доаѓа до израз во разговорите со другарките кога се натпреваруваат која е попожртвувана мајка и која повеќе ги има запоставено сите работи околу себе, бидејќи е апсолутно посветена на детето. Ако не ти е сé друго ставено во втор план, вклучувајќи го се разбира тука и сопругот, овие кругови те етикетираат како недоволно добра мајка. Да, детето е исклучително важно и бара многу време и многу внимание, но не целото на светот и не смее да биде така. Детето е значаен, но не и единствен дел од сликата наречена живот.
И не само што е запоставен мажот, туку многу често жените комплетно го запоставуваат својот изглед. Знаете ли колку пријателки ми се довериле дека неколку месеци не се издепилирале? А претходно секогаш биле средени. Но сега, обврските во комбинација со сигурноста којашто ја носи бракот дека тој е тука, тоа е тоа, често знаат лошо да се одразат на физичкиот изглед. А со тоа се одразуваат и кон односот со сопругот, кој се прашува што се случи со неговата мила, нежна сопруга која тежеше колку вреќа цемент!
Но, не се запоставуваат само жените во бракот. Познавам многу мажи кои додека траела бременоста на нивната сопруга од „солидарност“ накачиле исто толку килограми колку што накачила и таа, со таа мала разлика што на крај таа се породила, а тој не.
Уште нешто што има влијание на брачните односи, а не треба да се занемари, е тоа што кога сме во врска, ако не сме расположени, нема да излеземе, нема да се видиме со партнерот, нервозата ќе си ја зачуваме за себе или можеби ќе се истуриме на семејството. Кога живееме заедно со партнерот – ние сме си семејството, и не можеме да не се видиме кога не ни е денот, па најчесто за разлика од претходно – сега нервозата ја „истураме“ еден на друг. Уште полошо е што за разлика од периодот во врска, кога времето издвоено за партнерот е само за него, сега иако живееме заедно, често се случува да поминуваме многу помалку ефективно време заедно.
Наместо да се прашуваме каде е оној со кого сме стапиле во брак и на што се должи оваа промена по официјализирањето на врската, треба малку да размислиме за потребите на другиот, да покажеме толеранција, подготвеност за компромис, и да вложуваме во врската.
Тогаш бракот е едно сосема поинакво искуство од она за коешто пишував досега.
А за среќа, и такви има многу.
Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.