Изминативе месеци имаше многу полемики околу забраната на абортусот. Морам да признам дека не ги разбирам оние кои сметаат дека абортусот треба да се забрани со закон, ниту пак кои би биле придобивките од ваквата забрана. Според мене, со забрана нема да се постигне многу, можеби одреден процент од жените би ја продолжиле бременоста, но сигурно би имало и многу такви кои би се одлучиле за нелегален абортус, кој од друга страна може да има многу пофатални последици.
Абортусот не е метод на контрацепција и никој не го оспорува фактот дека може да има негативни последици по здравјето на жената. Но, дали е во ред да се информираме за последиците по здравјето откако веќе се случила несакана бременост? Ако советувањето за последиците на абортусот по здравјето е толку неопходно, тогаш веројатно тоа треба да се прави многу порано. Можеби најдобро би било да се воведе уште во средните училишта, кога многу од младите започнуваат со сексуална активност. Така ќе бидат опфатени најмногу жени, бидејќи средното образование сега е и задолжително, а дополнително ќе бидат вклучени и момчињата во средните училишта. Нека знаат и мажите на каков ризик ја изложуваат својата љубена доколку имаат ризичен сексуален однос со неа и низ што сè таа ќе треба да помине доколку донесат одлука за абортус.
Се сеќавам дека кога имавме околу 15 години, една од моите другарки започна со сексуални односи. Таа беше многу блиска со нејзината мајка, па кога ѝ се довери за сексуалниот однос, мајка ѝ ја однесе во болница, да ги види младите девојки кои абортирале и да поразговара со докторите за последиците по здравјето. Мора да се признае дека ова е многу суров и радикален метод, но другарка ми потоа се плашеше од несакана бременост како од ѓавол. Кај неа, едукацијата влијаеше. Верувам дека кај многу други, едукацијата во училишните клупи до дореден степен би влијаела за употреба на контрацептивни средства и планирање на семејството.
Да бидеме реални, понекогаш и покрај тоа што внимаваме, и покрај употребата на контрацептивни средства, несакана бременост сепак може да се случи. Само апстиненцијата е 100% сигурна контрацепција. И познавам еден ваков случај – девојка имаше заштитен однос со презерватив кој се случило да пукне. Следниот ден испила апче за ден потоа, но сепак по две седмици констатира бременост. Таа тогаш беше млада и амбициозна, полна со планови за животот. Иако со таткото на детето скроија заеднички планови за иднината, наскоро откако почнаа да живеат заедно, сфатија дека заедничкиот живот им е пекол. Кога работите би оделе според нивниот план, тие прво би живееле заедно, па потоа би одлучиле да имаат деца. Можеби така би знаеле дека не се еден за друг, па не би ни одлучиле да ја продолжат врската и да имаат деца. Но, непланираната бременост им ги измести плановите, а тие се разделија уште пред да се роди детето.
Ги сфаќам и аргументите на оние кои се против абортус. Во периодот кога се прави абортусот, плодот веќе има срцева акција, и некој треба да одлучи нечие срце да престане да чука. Но, одлуката само да родиш дете, без никакви услови за живот и во комплетно дисфункционално семејство за мене е еднакво лоша како и одлуката за абортус. За тоа дете сигурно животот би бил многу повеќе мака, а многу малку, можеби и воопшто радост. Во светов и без тоа има доволно несреќни луѓе.
Сметам дека секој треба да има право на избор. Правото на избор не ги ограничува оние кои се против абортусот да го задржат плодот при несакана бременост. Но немањето право на абортус би ги ограничило сите оние кои поради милион причини би се одлучиле за абортус, и покрај сите негативни страни кои тој ги носи. Причините може да се најразлични, а секогаш се болни – несакана бременост на многу млади години, силување, немање основни егзистенцијални услови, немање постојан партнер итн. Кај сите овие, изборот на абортус се третира како избор на „помало зло“. Сигурна сум дека одлуката да абортира не ѝ била лесна на ниту една жена. Но и покрај сите последици што ги носи, сметам дека правото на абортус не смее да ни се ускрати ниту мене, ниту на мојата ќерка, ниту на сите други жени.
Ниту едно право што не загрозува никој друг не смее да биде ускратено.
Мој живот, мое тело, моја одлука.
Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.