Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Вежби за подобрување на концентрацијата

Вежби за подобрување на концентрацијата

Колку пати сте се нашле во ситуација да седите на вашето биро и неуспешно да се обидувате да се фокусирате на одредена задача? Без разлика дали учите за на факултет или се обидувате да завршите некој проект на работа, сигурно често ви се случува мислите да ви летаат на други места, па и покрај вашите напори да не можете да се концентрирате.

Концентрацијата е многу моќна способност. Таа може да ви помогне да се фокусирате, побрзо да размислувате и да донесувате одлуки, полесно да ги решавате проблемите и да помните повеќе информации. Ако стекнувањето на знаење или завршувањето на одредена задача си го претставите како патување до далечен град, тогаш концентрацијата е всушност горивото во автомобилот кое ќе ве одржи во движење за да стигнете до целта.

Едноставно кажано, концентрацијата е способноста на едно лице да ги фокусира своите мисли во одредена насока, во текот на одреден период, без притоа да се расејува од други нешта. Некои луѓе можат подобро да се концентрираат, а други се соочуваат со тешкотии кога треба да се фокусираат само на едно нешто.

Девојка што учиКонцентрацијата е многу моќна способност и за среќа, постојат начини да се подобри

Добрата вест е што концентрацијата може да се подобри. Издвоивме неколку вежби кои ќе ви помогнат да си ја зголемите концентрацијата и подобро да ги користите вашите физички и ментални способности.

Ослободување од мислите

  • „Зјапање во едноставен предмет“
    Земете едноставен предмет како мало топче, лажица или чаша. Држете го во рацете и концентрирајте се само на него. Вртете го и разгледувајте го од сите страни, но без да дозволите во вашата глава да се појавуваат зборови. Бркајте ги мислите и едноставно гледајте во предметот. На почетокот ќе ви биде тешко и нема да издржите повеќе од 2-3 минути, но постепено времето во кое ќе можете да останете целосно концентрирани ќе се зголемува.

  • „Концентрирање на прстите“
    Седнете со исправен грб и подигнете ја десната рака настрана во висина на рамената. Држете ја целосно исправена. Свртете ја главата надесно и започнете да ги гледате врвовите на прстите на раката. Концентрирајте се само на тоа да ја држите раката мирна и зјапајте во прстите, без да мислите на било што. Правете го ова 1 минута, а потоа повторете го со левата рака.
  • „Гледање во геометриска фигура“
    На бел лист хартија нацртајте круг, квадрат или друга геометриска фигура и обојте ја. Застанете исправени над неа и гледајте ја само фигурата, ништо друго. Замислете си дека постои само таа и не дозволувајте ништо да ви го одвлече вниманието. Правете го тоа 3-4 минути. Потоа, затворете ги очите и претставувајте си ја фигурата во мислите сè додека не започнете да ја гледате матно. Отворете ги очите за да се потсетите на изгледот на фигурата, а потоа повторно затворете ги и продолжете да се фокусирате само на неа.

Броење

Важното во овие вежби е да се фокусирате само и единствено на броевите. Бркајте ги сите други мисли кои ќе ви се појават во главата.

  • „Броење на зборови“
    Земете книга, отворете произволно на било која страна и започнете да ги броите зборовите во еден параграф. Откако еднаш ќе ги изброите, повторете го броењето за да се уверите дека не сте погрешиле. Кога броењето во еден параграф ќе ви оди лесно и брзо, започнете да ги броите зборовите на целата страница. Бројте ги зборовите без да ги користите прстите за олеснување на работата.
  • „Броење до 100“
    Седнете со исправен грб. Затворете ги очите и започнете да си ги замислувате броевите од 1 до 100 еден по еден. Кога ќе успеете јасно да си го претставите во главата бројот 1, кажете си во себе „еден“, а потоа почнете да си го замислувате бројот 2. Иако изгледа лесно, всушност треба многу концентрација за да мислите само на задачата и на ништо друго. Првиот ден може да стигнете само до 50, а потоа постепено зголемувајте го времето за вежбање. Можете да броите и од 100 наназад за да не ви биде досадно.
  • „Броење со прескокнување“
    Ако претходната вежба си изгледа лесна, тогаш пробајте броење со прескокнување, т.е. прескокнувајте два или три броја. На пример, замислете си го бројот 100, изговорете во себе „сто“, потоа замислете си го бројот 97, изговорете „деведесет и седум“ итн.

Ослободување од проблемите

Тешко е да се концентрирате кога во вашата глава постојано се појавуваат мисли што ве измачуваат, а кои се поврзани со проблемите во вашиот живот или пак со задачите што треба да ги завршите. Кога ќе надојде таа река од мисли, често се создава паника и концентрацијата исчезнува.

Психолозите советуваат дека најдобриот начин да ги сопрете мислите да ви создаваат хаос во главата е да ги напишете подредено на лист хартија. Направете список од задачите и обврските кои треба да ги завршите во текот на денот. Ако ве измачува некоја ситуација (на пример, непријатен разговор со саканиот), опишете ја ситуацијата и напишете какви чувства ви буди таа.

Кога еднаш ќе ги пренесете овие мисли на хартија, ќе можете да ги подзаборавите, барем за одредено време.

И запомнете, сè е во вежбањето. Колку повеќе вежбате, толку подобро ќе се концентрирате. Не брзајте веднаш да станете експерт за фокусирање, затоа што тоа може да ви создаде фрустрации. Секој ден напредувајте малку по малку.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.